III. НАДЗОР
Член 27
Видови на надзор
(1) Агенцијата врши програмски, административен и стручен надзор.
(2) Програмскиот и административниот надзор може да биде:
- редовен надзор,
- вонреден надзор и
- контролен надзор.
(3) Редовниот надзор се врши врз основа на годишна програма за вршење на програмски,
односно административен надзор, а кога се работи за програмски надзор и во согласност со
Методологијата за вршење на програмски надзор донесени од страна на Агенцијата.
(4) Вонредниот надзор се врши врз основа на иницијатива поднесена од државни органи, правни
или физички лица, како и во случај на сомневање по службена должност на Агенцијата.
(5) Контролниот надзор се врши по истекот на рокот определен во поединечниот акт донесен од
страна на Агенцијата со цел да се утврди дали субјектот на надзорот:
- постапил по актот во целост,
- делумно постапил по актот или
- не постапил по актот.
Член 28
Програмски надзор
(1) Програмскиот надзор (мониторинг) се врши на програмите на радиодифузерите и давателите
на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, како и на програмските пакети кои ги
реемитуваат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи од аспект на почитувањето
на одредбите од овој закон, дозволите, издадените потврди за регистрација, подзаконските акти
и другите акти донесени од Агенцијата.
(2) Програмскиот надзор од ставот (1) на овој член го вршат вработени од организационата
единица која за таа цел е формирана во стручната служба на Агенцијата. За секој извршен
програмски надзор се составува писмен извештај кој се доставува до директорот на Агенцијата
во рок од три дена од денот на извршениот програмски надзор.
(3) Доколку со програмскиот надзор е констатирана повреда или прекршување писмениот
извештај содржи и предлог на мерка согласно со овој и друг закон.
Член 29
Административен надзор
(1) Административен надзор се врши на работењето на издавачите на медиуми од аспект на
усогласеноста на нивното работење со условите утврдени со Законот за медиуми, овој закон и
прописите донесени врз основа на него. Административниот надзор над работењето на
издавачите на печатен медиум исклучиво се однесува само од аспект на усогласеност на нивното
работење со обврските утврдени со членовите 6, 8, 14 и 15 од Законот за медиуми.
Select target paragraph3
Connect to a paragraph
Connect to an entity
Disable highlights
Add to table of contents