Член 60 Промоција на производство и пристап до европски дела (1) Давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, тогаш кога тоа е изводливо и со соодветни средства, треба да го промовираат производството и пристапот до европски дела. Таквото промовирање може да се однесува, меѓу другото, на: - финансискиот придонес за производство и стекнување на права за европски дела или - застапеноста и/или поставеноста на eвропските дела во каталогот со програми. (2) На барање на Агенцијата давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање се должни во рокот утврден во барањето на Агенцијата да и достават документи во врска со имплементацијата на одредбата од ставот (1) на овој член. V.3. Обезбедување на телевизиско или радио емитување (линеарни медиумски услуги) V.3.1. Општи одредби Член 61 Начела Радиодифузерите при вршењето на дејноста треба да ги почитуваат следниве начела: - негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот и заштита на приватноста и достоинството на личноста, - еднаквост на слободите и правата независно од полот, расата, националното, етничкото и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба на човекот и граѓанинот, - поттикнување на духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различно етничко и културно потекло, - заштита на идентитетот на жртвите на насилство, - почитување на пресумпција на невиност, - поттикнување на меѓународно разбирање и соработка, чувство на јавноста за правичност и за одбрана на демократските слободи, - отвореност на програмите за изразување на различните култури што се составен дел на општеството, - зачувување и негување на националниот идентитет, јазичната култура и домашното творештво, - објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мислењето на публиката за одделни настани и прашања, - почитување на авторското право и сродните права, - почитување на тајноста на изворот на информацијата, - гарантирање на правото на одговор и исправка и - самостојност, независност и одговорност на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика. Член 62 Услови за обезбедување на телевизиско или радио емитување (1) Дејноста обезбедување на телевизиско или радио емитување ја врши радиодифузер кој е запишан во Централниот регистар на Република Македонија, има седиште и уредништво во Република Македонија и има дозвола за телевизиско или радио емитување.

Select target paragraph3

Connect to a paragraph
Connect to an entity
Disable highlights
Add to table of contents