Член 120 Разрешување на член на Програмскиот совет на МРТ (1) Член на Програмскиот совет на МРТ може да биде разрешен пред истекот на рокот за кој е именуван во следниве случаи: - настанување на причини поради кои едно лице не може да биде именувано за член на Програмскиот совет на МРТ, предвидени во овој закон, - ако неоправдано отсуствува од три последователни седници на Програмскиот совет на МРТ, - со поднесување на оставка или - ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор подолга од шест месеци или ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност. (2) Престанокот на мандатот го утврдува Собранието на Република Македонија на предлог на Програмскиот совет на МРТ. (3) За исполнување на условите за престанување на мандатот на член на Програмскиот советот на МРТ пред истекот на времето за кое е именуван, предвидени во ставот (1) на овој член претседателот, односно заменикот на претседателот на Програмскиот советот на МРТ е должен да го извести Собранието на Република Македонија во рок од пет дена од денот на исполнувањето на условите од ставот (1) на овој член. Во овој случај се применува постапката утврдена во членовите 117 и 118 од овој закон. (4) Во случај кога член на Програмскиот совет на МРТ ќе биде разрешен пред истекот на рокот за кој е именуван, Собранието на Република Македонија ќе именува нов член на Програмскиот совет на МРТ за преостанатиот дел од мандатот на предлог на соодветниот овластен предлагач. Член 121 Седници на Програмскиот совет на МРТ (1) Програмскиот совет на МРТ работи и одлучува на седници кои се одржуваат најмалку еднаш во три месеци и доколку се присутни најмалку девет негови члена. (2) Седниците на Програмскиот совет на МРТ се свикуваат на предлог на претседателот или заменикот на претседателот на Програмскиот совет на МРТ, на писмено барање од најмалку пет члена на Програмскиот совет на МРТ, по барање на претседателот на Надзорниот одбор на МРТ или по барање на директорот на МРТ. (3) Претседателот или заменикот на претседателот на Програмскиот совет на МРТ ја свикува седницата на Програмскиот совет на МРТ во рок кој не може да биде подолг од десет дена од денот на приемот на барањето за свикување на седница. (4) Програмскиот совет на МРТ со мнозинство гласови од вкупниот број членови го избира и разрешува претседателот и заменикот на претседателот на Програмскиот совет на МРТ. Постапката за именување и разрешување на претседателот и заменикот на претседателот се утврдува со Деловникот за работа на Програмскиот совет на МРТ. (5) Програмскиот совет на МРТ одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови присутни на седницата. (6) Програмскиот совет на МРТ за работите утврдени во членот 124 став (1) алинеи 4, 6, 7 и 8 од овој закон одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Програмскиот совет на МРТ во кое мора да има мнозинство гласови од вкупниот број членови на Програмскиот совет на МРТ кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Select target paragraph3

Connect to a paragraph
Connect to an entity
Disable highlights
Add to table of contents